Во рамки на проектот „Green Spirit Prespa“, минатата недела успешно се реализираше ФАМ трип во регионот на Преспа, наменет за странски туроператори и експерти.
Програмата беше фокусирана на развој и промоција на туристички производи со висок меѓународен потенцијал, со посебен акцент на птичарење, астрономија и гастрономија. Овие сегменти претставуваат важна можност за поинакво позиционирање на Преспа – не само како природна дестинација, туку како простор за автентични, внимателно креирани и содржински богати искуства.
Во текот на неколкудневната програма, учесниците имаа можност да ги истражат природните богатства на Преспанското Езеро, Галичица, Езерани, Голем Град и околината на Преспа. Посебен фокус беше ставен на птичарењето, при што беа забележани околу 99 видови птици – јасен показател за потенцијалот на регионот да се развива како препознатлива дестинација за birdwatching туризам.
Искуството покажа дека убавата природа е само почетна предност. За успешен развој на вакви специјализирани туристички производи, потребни се стручни локални водичи, добро осмислена програма, рана организација на активностите, соодветна интерпретација на природното наследство и разбирање на очекувањата на туристите кои патуваат со конкретен интерес.
Покрај птичарењето, програмата вклучи и астрономски активности, преку кои Преспа беше претставена како дестинација со одлични услови за набљудување на ноќното небо. Учесниците имаа можност да се запознаат со основите на астрономското набљудување, препознавање на соѕвездија, користење телескопи и можностите за развој на астрономски тури како дел од понудата на регионот.
Гастрономијата, исто така, беше важен дел од ФАМ турата. Преку локални производи, традиционални рецепти, домашно подготвена храна и искуства со локални домаќини, беше претставена Преспа како дестинација каде храната не е само дел од програмата, туку носител на приказна, култура и локален идентитет.
Особена вредност на ФАМ трипот беше директната размена на знаење со искусни професионалци од индустријата. Нивните коментари, препораки и практично искуство претставуваат значаен придонес за понатамошно обликување на туристичките производи и за подобро позиционирање на Преспа на меѓународниот пазар.
ФАМ турата е дел од пошироките активности на проектот „Green Spirit Prespa“, чија цел е да го поддржи развојот на конкурентни, автентични и одржливи туристички производи во регионот, преку вклучување на локалната заедница, природните вредности и културното наследство на Преспа.
Проектот „Green Spirit Prespa“ е кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Go Green Скопје, во партнерство со Spirit of Prespa, Рурални жени од Преспа и Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија.