Студиско патување во Словенија на туристичкиот сектор на Македонија

Националната асоцијација за дојдовен туризам - НАИТМ имаше можност да учествува во студиско патување низ Словенија, организирано од програмите SIPPO и IME, со учесници од општина Крушево и бизнис секторот од Крушево, како и од Стопанската комора на Македонија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. 

Целта на патувањето беше да се откријат иновациите во туризмот кои почиваат на принципите на заштита на природата, локална култура и одржлива економија, и да се пренесат искуствата од Словенија во Македонија.

Ова патување беше доказ дека одржливиот туризам не подразбира откажување од удобност и убавина, туку се однесува на создавање искуства кои ги почитуваат природата, локалната култура и жителите на местата што ги посетуваме. Словенија покажа дека е можно да се комбинира туризмот со еколошки и социјални принципи, и стана пример за тоа како одржливоста може да биде интегрирана во секој аспект на патувањето. 

Македонија може многу да научи од Словенија во контекст на развојот на одржлив туризам. Иако нашата земја има многу природни ресурси и културни богатства, потребна е поголема вклученост на локалните заедници и малите бизниси во создавањето на одржливи туристички искуства. Сепак она што ние го научивме е дека клучна улога со активно учество има локалната и централната власт. Примерите од Словенија покажуваат дека интеграцијата на еколошки и социјални стандарди во туризмот не само што придонесува за зачувување на природата, туку и за развој на локалната економија. Програмите како SIPPO и IME може да бидат важни алатки за поттикнување на оваа трансформација во Македонија, преку промоција на иновации и поддршка на мали и средни претпријатија кои работат на одржливи решенија, создавајќи подобра иднина за туризмот и за заедниците ширум Македонија.